Самоорганизираното, автентично изразување на револтот кое кулминираше на 5 мај, продолжува секој ден во 18:00 часот и веќе вродува со плод, информираат од движењето „Протестирам“.
Граѓаните кои се дел од ова движење, денеска на прес конференција пред Собранието соопштија дека вчерашните оставки на министрите Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески и шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков може да претставуваат козметичка, а не суштинска промена во Владата.
„Вчера ги чувме вестите за оставките, домината почнаа да паѓаат и тоа ние го сметаме како причина повеќе да повикаме на што е можно помасовно, погласно сите заедно во солидарност да излеземе пред Владата и да ги повториме нашите барања. Бараме не само оставка на поединци, туку оставка на целата Влада на чело со Груевски и не само оставка туку поднесување на одговорност, правна одговорност за целиот криминал, корупција и за неуставното владеење“, изјави Анастас Вангели од движењето „Протестирам“.
Демонстрантите исто така бараат итно ослободување на сите активисти кои беа уапсени во настаните на 5 мај и деновите потоа.
„Нашето трето барање е да не се користи моментот сега за некои нови избори, туку бараме коренита структурна промена, формирање на Влада која ќе има за цел демократизација на институциите, прочистување на избирачкиот список и подготвување на теренот за фер и демократски избори во иднина“, додава Вангели.
Зборно место за денешниот протест е повторно пред Владата во 18:00 часот, по што од ова движење најавија дека ќе се упатат пред Основен суд- Скопје, за потоа протестот да заврши пред Собрание.