Азиските држави се на врвот на листата на најуспешни образовни системи , покажа последното истражување на Организацијата за економска соработка и развој- OECD.
Сингапур ја предводи табелата, по што следуваат Хонг Конг, Јужна Кореја, Јапонија и Тајван, додека на дното е Гана. Македонија пак, се наоѓа меѓу последните, односно на 65 место од вкупно 76 држави кои учествувале.
Истражувањето е спроведено врз основа на резултати од тестови по математика и природни науки и ја покажуваат врската помеѓу образованието и економскиот раст.
„Ова е првпат да имаме вистинска глобална скала на квалитетот на образованието. Идејата е да им се даде на повеќе држави, богати и сиромашни, пристап да се споредуваат со светските лидери во образованието, да ги откриваат нивните слични предности и слабости и да видат кои се долгорочните придобивки на економијата од подобрување на квалитетот на образованието“, вели образовниот директор на OECD, Андреас Шлајхер.
Во извештајот, подготвен од Ерик Ханушек од Универзитетот во Стенфорд и Луџер Воесман од Универзитетот во Минхен, се зборува како образовните стандарди се „моќен показател на богатството што земјите ќе го произведат на долг рок“.
Ако Гана, што е најниско рангирана од земјите, ги постигне основните вештини за учениците до 15-годишна возраст, извештајот покажува дека БДП ќе се зголеми за 38 пати. Во Македонија, доколку се исполни тој услов, БДП би се зголемил за 11 пати.
Анализите претставуваат многу поширока глобална мапа на образовните стандарди од PISA тестовите, кои се фокусираат на богатите индустриски земји.
Најновата табела, во која се пласирани повеќе од една третина од државите во светот, уште еднаш ги покажа слабите резултати на САД, кои заостануваат зад успешните европски земји и Виетнам. Исто така, го нагласува падот на Шведска, со предупредување за сериозните проблеми во образовниот систем.
Рангирањето е збир од меѓународни проценки, вклучувајќи ги PISA тестовите, американските TIMSS тестови и TERCE тестовите во Латинска Америка, ставајќи ги развиените земји и земјите во развој на една иста скала.
Резултатите официјално ќе бидат претставени на Светскиот образовен форум во Јужна Кореја следната недела, каде Обединетите Нации треба да свикаат конференција за подобрување на глобалното образование до 2030 година.
Целата табела на рангираните држави според резултатите од тестовите по математика и природна наука е достапна овде.