МЕСО спречен да учествува на Конгресот на ССМ

Поради самоволие на претседателот на ССМ, Живко Митревски, Мултиетничкиот синдикат на образование е спречен да учествува на Конгресот на ССМ, соопштуваат од овој синдикат.

Конгресот на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе се одржи во четврток (21 мај). Единствениот кандидат за претседател е досегашниот претседател Живко Митревски, откако, според МЕСО, тој успеал, злоупотребувајќи ја својата функција, да го оневозможи вториот кандидат за претседател на ССМ да биде предложен за кандидат за претседател на конгресот.

„На ваков начин, Живко Митревски продолжи да го нарушува угледот на ССМ и на целокупното синдикално движење во Македонија.

Во склоп на својата борба да го оневозможи секој критички глас против себе Митревски во декември 2014 година издејствува Советот на ССМ да донесе против-статутарна одлука за ставање во мирување на членувањето на Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) во органите на ССМ. Против оваа одлука, МЕСО достави приговор, кој, поради самоволието на претседателот на ССМ, дури не беше ниту ставен на дневен ред со цел органите на ССМ да имаат можност да се произнесат против кршењето на Статутот на ССМ и нарушувањето на сите синдикални и демократски принципи.

Согласно против-статутарната Одлука за ставање во мирување на членувањето на МЕСО во органите на ССМ, МЕСО е оневозможен да учествува во работата на 21-от Конгрес на ССМ. Но, дури и да ни беше овозможено да учествуваме во работата на конгресот, ние тоа ќе го одбиевме, не сакајќи на таков начин да учествуваме во шарадата и да му дадеме легитимитет на човекот кој до крајни граници го извалка имиџот на ССМ и на целокупното синдикално движење во Македонија.

Мултиетничкиот синдикат на образование и во иднина ќе продолжи да ги брани правата и интересите на вработените во образованието. Ничии бирократски игри не можат да нè спречат во тоа“, соопштуваат од МЕСО.