Франција им забрани на супермаркетите да фрлаат храна

Францускиот парламент едногласно го усвои законот со кој им се забранува на супермаркетите да ја фрлаат непродадената храна. Со новиот закон, се поставуваат низа механизми со кои големите продавачи ќе мораат да го избегнат создавањето на вишоци храна, а непродадените, но се уште употребливи прехранбени продукти ќе мораат да се донираат во хуманитарни здруженија, да се користат како храна за животни или како компост.

Со ова, исто така, им се дозволува на супермаркетите да донираат производи за енергија и за горива.

„Скандалозно е да гледаме како варикина се истура заедно со храна во контејнерите во супермаркетите“, изјави пратеникот Guillaume Garot, кој го предложи законот.

Со новиот закон, сите големи супермаркети во Франција се обврзани да направат договор со хуманитарна организација, со кој ќе се регулираат донациите на храна. Во исто време, во сите државни училишта ќе бидат воведени посебни часови на кои децата ќе се едуцираат за тоа како да го избегнат и да го превенираат фрлањето на храната.

Според истражувањата, секој француски граѓанин фрлаат меѓу 20 и 30 килограми храна секоја година, што чини меѓу 12 и 20 милијарди евра годишно. Закон сличен на францускиот минатата година беше воведен во американската држава Масачусетс, а со него на компаниите им беше забрането фрлање на повеќе од еден тон храна неделно.
.