Група Македонци кои живеат во Загреб, поддржани од Radnička fronta вчера напладне пред Амбасадата на Република Македонија во хрватската престолнина одржаа протести во знак на поддршка на граѓаните на Македонија и иницијативата #Протестирам кои се борат за подобра и поправедна земја.
До Амбасадата беше врачено протестно писмо во кое се бара итна оставка на владата на Никола Груевски и одговорност за криминалите, итно формирање на техничка влада и департизација на државниот апарат, првенствено на медиумите и судството и создавање на услови за одржување на фер и демократски избори, како и итно ослободување од вината на граѓанските активисти притворени на 5 мај па наваму.
Истовремено се бара и отповикување на амбасадорката Н.Е Даниела Караѓозоска поради деградирање и злоупотреба на службената дипломатска функција во партиски цели.
„Наместо дипломатски претставник на нашата татковина, ние сме застапувани од партиски војник кој после крвавиот инцидент во Куманово сее страв и параноја во центарот на Загреб, нарачувајќи полициско обезбедување и зголемувајќи ги мерките за безбедност на амбасадата, се заканува и шири говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи“, стои во писмото.
Инаку, од протестите вчера преку соопштение се огради Заедницата на Македонци во Хрватска.
Е.Д.
Фото: Борис Радошевич