Протестен марш за оставка на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е најавен денеска во Скопје, со почеток во 18:30 часот.
Зборно место е кампот пред Влада и ќе се маршира по Илинденска (Министерство за одбрана), Рузвелтова (Агенција за млади и спорт), Партизанска (библиотека „Браќа Миладиновци“), Климент Охридски, за демонстрантите повторно да се вратат во „Кампот на слободата“.
„ Ги повикуваме сите граѓани да излезат на протест. Ова е борба меѓу граѓаните и врхушката на Груевски и Ахмети. Ова е борба за враќање на општеството и државата во рацете на граѓаните на Македонија!
Затоа, ајде, сите заедно уште еднаш громогласно и едногласно да побараме оставка од Владата и формирање преодна влада која ќе обезбеди фер и демократски избори“, се вели во соопштението за маршот.
По маршот, во кампот пред Влада е најавена дискусија „Централизирана децентрализација – Во секој проблем се крие можност” на која ќе говорат Дејан Павлески – претседател на Комисија за локална самоуправа на СДСМ, кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски и двајца поранешни градоначалници Јане Вртески и Љупчо Кец Мицковски.