Започна пријавувањето за учество на првиот хакатон за климатски промени во Македонија, на кој ќе се развиваат нови идеи и модули за надградба на апликацијата „Патувај Зелено“.
Хакатонот ќе трае 48 часа и ќе се одржи во Ценарот за Социјални Иновации – во склоп на Факултетот за информатички и компјутерски технологии (ФИНКИ), почнувајќи од 17:00 часот на 26 јуни.
Натпреварот е отворен и за поединци и за тимови. Единствениот услов за пријавување е во секој тим да биде вклучен барем еден Андроид програмер.
По завршетокот на 48-часовен хакатон, 50% од гласовите ќе бидат доделени од експертско жири, додека другите 50% од гласовите ќе бидат доделени од јавноста, преку социјалните медиуми.
Победничките решенија ќе бидат целосно развиени и ќе станат дел од Патувај Зелено 2.0.
Сите заинтересирани можат да аплицираат на следниот ЛИНК. Победничката идеја ќе биде наградена со 1.000 УСД, наградата за второ место ќе изнесува 750 УСД, а за трето 500 УСД.
„Патувај Зелено“, за прв пат беше пуштена во употреба минатата година со цел да им помогне на жителите на Скопје полесно да ја испланираат најбрзата, најефтината и најзелената рута до посакуваната дестинација, благодарејќи на Google Transit алатката. Апликацијата исто така нуди корисни информации за автобуски постројки и места каде што можат да се изнајмат велосипеди.
Настанот е во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје и ФИНКИ.