Преголемото присуство на шеќер во модерниот начин на исхрана, според сите истражувања, е еден од клучните фактори за многу тешки болести на денешнината. Во последните години, се повеќе се зборува за зависноста од шеќер како за медицински факт – на долг рок таа доведува до сериозни здравствени проблеми, а луѓето често не се свесни за самата зависност, но и за количините шеќер што ги внесуваат на дневно, месечно или годишно ниво.
Проблемот со преобилното конзумирање шеќер во исхраната е најдобро истражен во САД, каде преголемата телесна тежина и болестите кои таа ги предизвикува се најраспространети. Но, податоците покажуваат дека состојбата на ова поле се влошува насекаде низ светот, каде што „пристигнале“ карактеристиките на модерниот начин на исхрана: брзата храна, газираните пијалаци, вештачките јаглехидрати и индустриската храна.
Како илустрација, ако пиете по една лименка газиран пијалак на ден, годишно само со тоа внесувате 25 килограми шеќер во организмот. Просечниот Американец вкупно конзумира околу 70 килограми чист шеќер годишно, што е за девет пати повеќе отколку пред 100 години.