Локалната власт во шпанското гратче Хун во провинцијата Гранада целосно ги отфрлила бирократските процедури и го прифатила Твитер како начин за комуникација со своите граѓани и за администрирање на јавните услуги.
Градоначалникот José Antonio Rodríguez Salas уште од 1999 година експериментирал со технологија за зголемување на граќанската вклученост, почнувајќи со посебен софтвер кој бил изработен од Советот на општината, за подоцна да прејде на социјалните мрежи. Денеска, во Хун се одржува и годишна конференција посветена на Твитер, а граѓаните и локалната самоуправа се во постојан контакт преку социјалната мрежа. Во градот изминатите години е изграден своевиден култ на Твитер – логото на мрежата се наоѓа насекаде низ местото и го краси обелискот на централниот плоштад, под кој има и отпечаток во бетон на поранешниот директор на Твитер, Dick Costolo.
Градоначалникот се шегува дека Твитер им овозможил да ја елиминираат бирократијата, која во минатото им ја вовеле Французите.
„Твитер го создаде ‘општеството на минутата’ – многу брзи прашања и многу брзи одговори. Целата документација сега ја правиме на Твитер. Важно прашање е и кој ја вреднува работата на луѓето во локалната самоуправа? Уличниот чистач? Продавачот во локалната продавница? Одлучивме сите да имаат профили на Твитер, за да видат како луѓето ја вреднуваат нивната работа“, вели градоначалникот.
Salas се обидува да ги натера сите 3.500 жители на гратчето да се приклучат кон Твитер. Досега, 600 граѓани се регистрирани со свои налози на мрежата во Градското собрание, кои ги користат за низа активности – од закажување лекарски прегледи, до пријавување криминал и твитање за квалитетот на храната во училиштата.
Градоначалникот е очигледно горд со своите постигнувања, кои се кулминација на повеќегодишни обиди да се најде технологија што ќе ја чини градската власт помалку, а ќе ја направи комуникацијата со граѓаните подиректна. Ефикасноста во кратењето на бирократијата овозможила да се намали бројот на полицајци во гратчето од четворица на еден, кој може брзо да одговори на сите ситуации – од сообраќајни незгоди до несогласувања меѓу соседи, дознавајќи за настаните преку Твитер.
„Дури и постарите луѓе, на кои им е тешко да се адаптираат, поминаа обуки за користење на Твитер. Ако одите во општината и не гледате редови од луѓе, тоа значи дека граѓаните ги имаат сите информации кои им се потребни. Хун има комплетен пристап до интернет и конекции во тренинг-центарот бесплатни за сите“, вели градоначалникот Salas.