Новоформираниот ликовен колектив АД АКТА, својата изложба насловена „Актерија“, составена од дела кои прикажуваат голотија и сексуалност, од Велес се преместува во Кичево. Според уметниците, причина за тоа е обид на цензура од одговорните во Ликовниот Салон во Велес.
Делата и инсталацијата кои требаше да бидат во рамки на програмата „Велес град на културата 2015“, претставуваат технички цртежи со фломастер, илустрации, дигитални графики и објекти, објаснува Благојче Наумоски – Бане, еден од уметници во колективот. Неговата појдовна идеја и концепт на делото е во минијатурен ликовен формат да ја долови „новородената“ авторска пропорција на човечкото тело.
Неговата колешка Александра Јовановска пак, чие дело беше цензурирано поради голотија и наводно сексуална контроверзност, го прикажува интересот за човечкото тело преку актот и еротиката. Колективот револтиран поради ваквиот однос, реши да испрати протестна нова до одговорните во велешкиот Ликовен Салон.
„Самото име на нашата група АД АКТА кажува дека нешто е незавршено а во нашиот концепт не е завршено со актот како ликовен проблем. Актот го подразбираме како ,,оголена вистината’’ а ние ја бараме вистината во уметноста.
Ние успешно го завршивме нашиот концепт така што ја оголевме вистината во ‘’Титов Велес’’ и заклучивме дека таму времето е запрено во одреден дел од минатото каде што сеуште постојат канони и забрани“, се вели во протестната нота на колективот.
Откако уметниците се решија да ја откажат изложбата поради обид на цензура, проектот го прифати НУ Домот на култура „Кочо Рацин“ во Кичево. Наумоски најави дека делата ќе бидат изложени на 10-ти јули.