Високата стапка на невработеноста кај младите, не само што е проблем за социјалната група, туку претставува закана и за социјалната заштита, пензискиот систем и создавањето на човечки капитал, кој е предуслов за унапредување на економијата на една држава, пишува активистот Рубинчо Аризанкоски во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
На Македонија и на младите што живеат во неа им е потребна сериозна економска политика за справување со невработеноста и со подигањето на економскиот стандард, која ќе има ефект на подолги рокови, а не да биде само еден манипулативен евтин трик од страна на Владата која ја популаризира мерката за самовработување. Проблемот е во самите институции кои имаат недостиг во слушањето на проблемите на младите кои во реализација некако тешко им оди.
Според Светска банка, невработеноста кај младите во нашата земја изнесува над 50 проценти што нè прави рекордери во нашиот регион и во Европа. Поголемиот процент од невработените млади луѓе во земјата се невработени повеќе од една година, што дополнително ги намалува шансите за нивно вработување. Но, да потенцирам дека во изминатите години преку 230 илјади млади луѓе ја напуштиле државата во потрага по подобра иднина, додека 75 проценти од младите се изјаснуваат дека својата иднина ја гледаат во некоја друга држава.
Земјите членки во ЕУ сè повеќе обрнуваат внимание на проблемот со невработеноста на младите и се обидуваат да најдат решение за надминување на проблемот. Високата стапка на невработеноста кај младите, не само што е проблем за социјалната група, туку претставува закана и за социјалната заштита, пензискиот систем и создавањето на човечки капитал, кој е предуслов за унапредување на економијата на една држава.
Податоците од Државниот завод за статистика говорат дека во Македонија скоро половина милион млади луѓе кои припаѓаат на различни етнички групи сочинуваат 23,5 проценти од вкупната популација и се невработени, односно стапката на невработеност кај младите во државата изнесува 46 проценти. Според законските регулативи, за невработени се сметаат сите оние кои имаат навршено шеснаесет години, се способни за работа и сакаат да работат, но нема слободно работно место.
Владата со своите мерки за вработување и со привлекувањето на странските инвестиции потенцира дека се отвораат толку и толку компании со преку илјада вработувања. Владиниот проект „Македонија вработува“ е толку напумпан што човек просто не може да поверува. Дали се мисли за странска инвестиција кавадаречката „Дрекслермаер“, која ја нарекуваат „Фабрика на смртта“? Дали ова е германска компанија која дозволува да има бројка на починати работници. Дали таму се спроведуваат мерките на безбедност и здравје на работно место? Дали американската компанија за грејачи „Гентерм“ во Прилеп ќе ја подобри состојбата на невработеноста на младите? Дали ќе има услови за работа или ќе биде ист тертипот како во „Дрекслермаер“? И, што уште ќе видиме со странските инвестиции во Битола, Тетово, Штип и во другите општини ќе оставиме на времето кое доаѓа да ја покаже вистинската слика на овие инвестиции.
Еврокомесарот Јоханес Хан во интервјуто дадено за Радио Слободна Европа го кажа следното:
„Економската ситуација во земјата се влошува. Очекуваниот економски раст од 4 проценти сега е најмалку нула, ако не е и под нулата. Невработеноста е речиси 30 отсто. Сите инвестициски одлуки на странските компании се на чекање. Мислам дека над 30 одлуки се ставени на чекање.“
И, што да додадам повеќе кога еврокомесарот ја кажа реалната ситуација, и тоа во добро време. Сепак, се потребни обновливи фондови, кои би давале поволни кредити за нови бизниси, со што ќе се финансираат нови идеи и идејни решенија за надминување на проблемот на невработеноста.
Иако, нашата чудесна земја е мала по површина, на неа постојат голем број неискористени потенцијали за отворање нови работни места. Без разлика дали се работи за туристичко место, развој на руралниот туризам, некоја плодна површина за производство на земјоделски производи или занаетчиство. Со конкретни идеи и проекти би се подигнала свеста кај жителите на веќе формираните економски региони со цел да се зголеми потенцијалот за иновации кај младите со активно учество на знаењата и квалификациите кои ги поседуваат.
Па, време е некои зборови да се подголтнат, некои постапки да се сменат, за да може следните генерации да уживаат во еден компактен и убав соживот со секој поединец во општеството.