Дојран вчера вечер беше епицентарот на фестивалската забава во Македонија. Преку 8.000 луѓе присуствуваа на главната сцена на Д фестивал на паркингот Гранит, непосредно пред влезот на Стар Дојран.
Вчера Вилкинсон ги пречекори сите високи очекувања и ја круниса првата ноќ на Д Фестивал. Кулминацијата на неговиот настап беше хитот „Афтерглоу”, кој беше пречекан во еуфорична атмосфера.
На Вилкинсон му претходеа секогаш добредојдените Бед Копи, кои точно знаат како да ја анимираат македонската публика. Ништо послаби не беа Р’Н’Р учителите Електрични Оргазам, а на сцената настапија и силните Поинт Бленк, Новиот Почеток и Фјурион.
На првиот фестивалски ден Дојран беше преполн од туристи од цела Македонија, регионот, САД, Германија, Британија, Грција, велат организаторите.
Фестивалот трае уште два дена, а денеска на главната сцена ќе настапат Фулиш Грин, Заа, Љубојна Брас Фантази, ПМГ Колектив, Фолтин и Кирил Џајковски и ТК Вондер.
Денеска започнува програмата и вториот фестивалски стејџ – „Комарецот”. На оваа сцена во кампот ќе можат да се проследат низа настапи на домашни и музичари од регионот како Сватовски, Смоук Шејкерс, Проџект 2501, Оратница од Бугарија и Ретро Кабаре од Скопје.
Програмата на главната сцена за денеска на Д Фестивал е следна:
Фулиш Грин – 20:00 – 20:40
ЗАА – 20:55 – 21:40
Љубојна Брас Фантази – 21:55 – 22:40
ПМГ Колектив – 22:55 – 23:40
Фолтин – 23:55 – 00:50
Кирил Џајковски и ТК Вондер – 01:05 – 02:30
Дневните билети за денес (18.09) чинат 350 денари, додека тие за во недела (19.07) може да се набават по цена од 450 ден.
Фото: Стефанија Тенекеџиева