Една американска тинејџерка деновиве на својот профил на Твитер објави досега невидени слики од настап на легендарниот бенд Nirvana, за кои тврди дека се од првиот настап на групата.
19-годишната Maggie Poukkula вели дека фотографиите се од нејзиниот татко, Tony Poukkula, кој одел на училиште со Kurt Cobain и свирел со него пред да стане познат. Ќерката ги нашла сликите во примерок на биографската книга за Cobain, кој му припаѓал на нејзиниот татко.
Poukkula не била свесна дека можеби ги постирала сликите од првата свирка во историјата на Nirvana, кога била запрашана од фановите на гранџ-бендот, па одговорила: „Не сум сигурна. Ќе мора да го прашам татко ми“.
Свирката за која се работи наводно се случила во градот Рејмонд во државата Вашингтон во март 1987. Tony Poukkula сега е музичар кој живее и работи во Сиетл.