Од празна просторија до сосема различен виртуелен свет, The Void претставува гејминг центар кој според најавите треба да започне со функционирање од 2016 година во Салт Лејк Сити.
Неговиот сопственик, Ken Bretschneider има намера да ја донесе виртуелната реалност на ново ниво каде корисникот ќе може целосно да навлезе во друг свет. За таа цел, Bretschneider го продал својот претходен бизнис, а за овој проект потрошил 13 милиони долари. Неговата идеја е да создаде тематски парк каде корисникот ќе може да искуси нова околина со сите свои сетила.
The Void развива сопствена технологија, бидејќи според сопственикот онаа што постои на пазарот не е доволно брза. Системот кој го следи движењето на корисникот е составен од сензори со микропроцесори. Тимот составен од 30 програмери работи на ракавиците кои корисниците ќе можат да ги носат за време на игрите.
Покрај овој, Bretschneider планира да отвори слични центри за гејминг во цела Северна Америка, Азија и Европа. Во есен ќе започне изградбата на првата локација која ќе има седум простории во кои ќе можат да се натпреваруваат групи со најмногу десет луѓе во нив.