Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и Агенцијата за филм го најавуваат сценаристичкото катче – „Манаки скрипт лаб 2015″, кое годинава ќе се случува во соработка со „Торино филм лаб“ (TorinoFilmLab), во периодот од 22- 25 септември.
„Манаки скрипт лаб 2015“ е четиридневна интензивна работилница за развој на сценарио заедно со Надја Димушел, скрипт-доктор со интернационално искуство и експерт од „Торино филм лаб“.
Работилницата е резултат на соработката на фестивалот „Браќа Манаки“, Агенцијата за филм на РМ и интернационалната лабораторија и филмски фонд „Торино филм лаб“.
Програмата нуди интензивна работилница за развој на сценарио во текот на четири дена со познатиот скрипт-доктор.
Успешните кандидати ќе имаат зададена агенда на работа која вклучува колективни и индивидуални средби со скрипт-докторот за време на 36-тото издание на фестивалот „Браќа Манаки“, во периодот од 22 до 25 септември. Официјален јазик на „Манаки скрипт лаб“ е англискиот.
Фестивалот ги покрива трошоците за сместување и за храна на четирите одбрани сценаристи, а најдоброто избрано сценарио ќе добие парична награда во износ од 1000 евра. Наградата ќе се додели на церемонијата на затворањето на фестивалот.
Потребни документи и услови за аплицирање:
– Кандидатите мора да доаѓаат од една од европските земји;
– Кандидатите мора да имаат продуцентска куќа што стои зад проектот;
– Целата документација треба да биде доставена на англиски јазик.
Кандидатите треба да аплицираат со следните документи:
– Сценарио
– Синопсис
– Изјава на авторот
– Биографија на сценаристот
– Биографија на продуцентот
– Профил на компанијата
Сите документи потребно е да се испратат во pdf формат на office@manaki.mk.
Краен рок за доставување e 20 август 2015 год.
Избраните проекти ќе бидат објавени на 1 септември, на официјалната интернет-страница на ИФФК „Браќа Манаки“ – www.manaki.mk.