Британски универзитет им понуди на идните студенти да им врати дел од школарината , во износ од 7000 фунти, ако не најдат работа девет месеци по дипломирањето, пишува Индепендент.
„The University of Law“ (ULaw) во Гилфорд ја воведува оваа новина за студенти по право кои ќе се запишат од септември, 2015 година. Ова се случува во време кога британските студенти стануваат се позагрижени поради вредноста на студиите, студентските кредити, трошоците за живот и можноста за вработување. Понудата на ULaw доаѓа и во период кога високообразовните институции од целата земја почнуваат да се натпреваруваат за бројот на студенти.
Во јануари оваа година, Универзитетот на Западна Шкотска (UWS) објави дека ќе го разгледа воведувањето попуст за плаќањата на студентите кои не успеале да ги дипломираат, иако целосно ја платиле партиципацијата. Тогаш директорот на овој универзитет, професорот Крег Махони, изјави дека јавно финансираните универзитети во Велика Британија мора да направат „радикални промени”.
Извршниот директор на ULaw, Дејвид Џонстон, сепак, вели дека денешните студенти не сакаат само диплома, туку нивната инвестиција да биде вратена.
„За дипломираните правници, ова значи една работа: обезбедување на договор за обука или работа со полно работно време, по дипломирањето“.
„Нашето искуство во обука на високо-квалификувани практичари по право ни влева доверба и уверување дека нашите дипломирани студенти ќе бидат вработени во рок од девет месеци“, додава тој.