Граѓани од населбата Карпош 4 се организираат во движење кое се обидува да го заштити зеленилото и постојниот изглед на населбата, кој треба да претпри драстични измени со новиот Детален урбанистички план на општината. Тие објавија мапа на која се гледаат објектите кои ќе треба да ги заменат парковите низ населбата.
Граѓаните сметаат дека со измените на ДУП-от драстично ќе се наруши урбанистичкиот концепт на населбата Карпош 4 и дека ќе се влоши квалитетот на животните услови на жителите.
„Се предвидува големи локации каде има паркови, гаражи, продавници и др. да бидат пренаменети за изградба на паркинзи и станбени згради со деловни простории (на пример, на улицата ’Волгоградска’ гаражите и продавниците, куќите и околу неа во центар на Карпош 4 пред дневниот простор на ОУ ’Петар Поп Арсов’, голем паркинг на местото на парк позади низот на улицата ’Вич’, два големи надземни паркинга на паркови и игрaлишта за деца спроти Сити Мол и спроти сала Партизан итн.)“, објавија граѓаните од населбата, кои отворија и Фејсбук-група на иницијативата.
Оттаму, граѓаните сметаат дека е потребно да се организираат куќни совети на станарите, а заради запознавање со ваквата ситуација и да се организираат петиции за навремена реакција со цел, како што велат, да се спречи ваквиот начин на узурпација на нивниот животен простор. Петициите треба да се достават до општината Карпош најдоцна до 25 август.
„Карпош 4 е една урбана населба во главниот град на Македонија. Една од ретките која е урбанистички добро испланирана и дефинитивно една од најубавите градски населби во Скопје. Најголемото богатство на ова урбано катче се неговите пространи паркови полни со зеленило и дрвја. Карпош 4 од височина изгледа како еден голем парк полн со живот“, реагираат дел од жителите преку социјалните мрежи.