Германска студентка живее во воз откако ѝ здодеало да плаќа кирија

Кога другите патници си заминуваат дома, Леони Милер (Leonie Müller) останува во возот кој е нејзин дом. Возот е нејзиниот апртман, бидејќи младата девојка избрала да живее така. Германската студентка својот апартман под кирија го откажала во текот на пролетта.

„Се започна по кавгата со сопственикот“ , вели Милер за Washington Post. „Во еден момент одлучив дека повеќе не сакам да живеам таму и сфатив – јас всушност не сакам да живеам никаде, никогаш“.

Наместо тоа, таа се одлучила за претплата која и дозволува да се вози со секој воз во земјата, бесплатно. Сега Милер ја мие косата во тоалетот од возот и ги пишува студентските задачи додека патува со брзина од 190 километри на час. Вели дека ужива во слободата што ја искусила по напуштањето на апартманот.

„Навистина во возовите се чувствувам како дома и можам да посетувам многу пријатели и градови. Ова е како да си на одмор цело време“, вели младата девојка.

Приказната за изборот на место за живеење на 23-годишната девојка го привлече вниманието на германските и светски медиуми, како Spiegel Online.

„Читам, пишувам, гледам низ прозорецот и среќавам добри луѓе цело време. Секогаш има нешто да се прави во возот“, изјави Милер за германската телевизиска станица SWR. Бидејќи постојано се движи, целиот живот и е сместен во мал ранец во кој има облека, таблет, документите за колеџ и санитарна торбичка.

И финансиските придобивки од живеење во воз се значителни. Билетот ја чини околу 380 долари, што е поевтино во однос на цената на апартманот од околу 450 долари. Сепак, помалите трошоци не се единствената цел што таа ја има на ум.

„Сакам да ги инспирирам луѓето да се запрашаат за своите навики и нештата кои се сметаат за нормални“, вели таа. „Секогаш има повеќе можности од тоа што некој мисли дека има. Следната авантура ве чека зад аголот- ако сакате да ја најдете“.

Милер често патува во доцните ноќни часови, но спие и во становите на роднини, пријатели, кај нејзиното момче, мајка или баба.

Животот во воз, исто така, би требало да имаат и академска цел: Милер го документира необичниот експеримент на свој блог. Нејзината последна дипломска работа ќе се заснова токму на нејзините искуства во возот.

Извор: Independent