Панел дискусија: „Неправдата е штетна по вашето здравје“

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ организира панел дискусија на тема „Неправдата е штетна по вашето здравје“, на која ќе се зборува за програмите за ефективна правда во јавното здравство.

Дискусијата ќе се одржи во просториите на Филозофски факултет, Амфитеатар 4, во четврток (27 август), со почеток од 18 часот.

„Ширум светот, повредите врз човековите права го загрозуваат јавно здравје. Насилството и полициското малтретирање, дискриминацијата, присилните медицински интервенции и одбивањето пристап до елементарни услуги, претставуваат закана по здравјето и добросостојбата на маргинализираните заедници. Решавањето на овие длабоко вкоренети неправди е од клучно значење за унапредување на здравјето“, сметаат од Коалицијата.

На овој настан ќе бидат презентирани неколку проекти преку кои им се помага на маргинализираните заедници – сексуални работници, луѓе што употребуваат дроги и трансродови луѓе – да дојдат до правда и да се вклучат во правно застапување за подобрување на здравјето.

Покрај ова, на настанот ќе биде презентиран и нов извештај – Правни програми за јавно здравство: Водич за добри практики – во кој се дадени размислувањата, предизвиците и добрите практики произлезени од осумгодишната поддршка за пристап до правни програми во здравствен контекст.

Воведно излагање ќе има Христијан Јанкулоски, извршен директор на ХОПС, Македонија, а модераторка на дискусијата ќе биде Хајди Штерјова Симоновиќ, адвокатка во ХОПС.

Панелисти ќе бидат:

Тамар Езер
Заменик директорка за право и здравје при Програмата за јавно здравство на
Фондацијата Отворено општество, САД
„Вовед и историјат за проектот Водич за добри практики“

Константин Кожокариу
Адвокат за човекови права, Романија
„Правно застапување за правата на транс* луѓето во Европа“

Бренда Белак
Адвокатка, Правна организација Пивот, Канада
„Декриминализација на сексуалната работа во Канада“

Наташа Бошкова
Адвокатка, Коалиција СЗПМЗ, Македонија
„Правни стратегии за подобрување на пристапот до третман за млади луѓе кои употребуваат дроги во Македонија“