Регенерација

Радиоемисијата „Регенерација“ веќе е во својата втора сезона на виртуелниот простор на Радио МОФ. Во првата сезона, што траеше шест месеци, се реализираа 25 изданија, а во нив продефилира многу реге, имаше интересни теми, се презентираа реге-фестивали и имаше неколку интервјуа со артисти од Македонија и од Јамајка (Дон Мајнот, „Конкеринг Лајон“, „Суперхикс“ итн.).
Оваа сезона се презентира најновото реге и различните стилови што излегуваат од регето (даб, денсхол, ска итн.) и се обработуваат интересни теми поврзани со реге-културата и со растафаријанството. Инаку, на територијата на Република Македонија во моментов не постои друга радиоемисија каде што се пушта реге-музика, ниту се говори за темите што ги обработуваат регето и раста-идеологијата.

Во деведесетте минути на „Регенерација“ се врти модерното реге, се преслушуваат најновите албуми и хитовите што доаѓаат од Јамајка, но и од другите бастиони на реге-музиката и реге-кутурата (Велика Британија, Франција, Германија). Се селектираат т.н. ридимси и се презентираат различните артисти што гостуваат на тие ридимси.

Закачете се секој петок од 19 часот до 20:30 часот да се „регенерираме“ заедно со Регесаурус Гето Руди и со неговиот техничар – Нати Контрол!

Ако ги пропуштате изданијата на „Регенерација“ во живо, тогаш можете да ги посетете страниците на „Миксклауд“ на Радио МОФ и на Регесаурус Гето Руди и таму да ги најдете сите содржини од оваа и од претходната сезона и да ги преслушувате преку подкаст.