Извршната директорка на МОФ Дона Костуранова учествуваше на јавна дебата на Самитот на Западен Балкан во Виена, замислена како средба на граѓанското општество и политичките лидери. Јавната дебата се случуваше на 26 август и на неа учествуваа шестмина преставници на граѓанскиот сектор и шестмина политички лидери од регионот, чија цел беше дискусија на три значајни теми: зајакнување на регионалната соработка, обезбедување на слободата на изразување, создавање на работни места и просперитет.
Воведот во дебатата го даде австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, а по него се вклучија Еди Рама, премиер на Албанија; Александар Вучиќ, премиер на Србија; Јоханес Хан, комесарот на ЕУ за европската соседска политика и проширување, Игор Црнадак, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Игор Лукшиќ, заменик-премиер и министер за надворешни работи на Црна Гора.
Граѓанското општество, покрај Костуранова, на дебатата го претставуваа и: Ардиан Хачкај – директор на платформата за јавни политики „Shtetiweb“ во Институтот за соработка и развој, Мелиха Бајрамовиќ – координатор на Пленум Зеница, Албанија, Фаик Испахиу – директор и извршен продуцер на Balkan Investigative Reporting Network, Босна и Херцеговина; Дејан Миловац – директор на Центар за истражување и заменик директор на МАНС, Црна Гора и Александар Симурдиќ – генерален секретар на Европското движење, Локални совети Нови Сад, Србија.
Костуранова во своето излагање постави прашање до Комесарот Хан: „Македонија е во сред политичка криза, што ескалираше пред неколку месеци со масовни протести и кампови. Политичките преговори и договорот во Пржино беа постигнати без директна вклученост на граѓанските организации, но од страна на политичките партии. Во периодот кој следи, Македонија прави сериозни промени и чекори. Дали во овој период на подготовки и договори за политики пред изборите, како и во постизборниот период, гледате простор и потреба за учество на граѓанските организации во процесите на преговори и одлучување?“
Комесарот Хан во својот одговор појасни дека во земјите од Западен Балкан се добива чувство на паралелно, поделено општество – партиско-политичко и граѓанско општество. Граѓанските организации можат да се вклучат и самите преку свои кандидати или со учество на избори.
Во своето понатомошно излагање, Дона Костуранова говореше за правото на организирање и вклученост на младите, предизвиците на Македонија со избрзани реформи во образованието и невработеноста на младите.
Како дел од форумот на граѓанско општество покрај Дона Костуранова учествуваа и преставници од македонските граѓански организации и универзитети: Бојан Маричиќ, Малинка Ристевска-Јорданова, Тања Хефнер Адеми, Тамара Чаусидис, Сашо Ордановски, Драган Тевдовски, Дане Талески и Елена Ставреска, кои работеа на акциски планови, дискутираа за заложбите и следните чекори на Берлинскиот процес.
На Самитот на Западен Балкан во Виена учествуваат голем број шефови на држави-членки на Европската унија, како и на земјите од Југоисточна Европа. Тоа е продолжение на „Берлинскиот процес“, кој беше започнат од страна на германската канцеларка Ангела Меркел за да се покаже понатамошната политичка посветеност на идното проширување на Европската унија кон Западен Балкан.