И оваа учебна година ќе продолжат барањата за подобро образование, порачаа претставници на Средношколскиот и Студентскиот пленум, професори, родители и граѓански активисти, кои на првиот училишен ден беа дел од средношколскиот собир пред Министерството за образование и наука.
Со надеж дека Министерството за образование годинава сериозно ќе ги сфати средношколците и ќе почне да преговара за компромис во однос на реформите, тие организираа панел дискусија на тема„Образование без компромис“. На неа говореа Иван Јованов, претседател на организацијата „Младите можат“, Ивана Туфегџиќ, граѓански активист и член на Студентскиот пленум, Никола Писарев од „Го сакам ГТЦ“, Огнен Јанески, активист и новинар, како и средношколката Теано Кардула.
Први септември е датумот кој средношколците го избраа за да најават дека ќе продолжат да протестираат, не само затоа што е почеток на новата учебна година, туку, како што рекоа, поради тоа што е симбол на нов почеток.
„Вие млади луѓе кои се наоѓате овде сте дефиниција за младински активизам. Вие се кревате против општествен предизвик кој сметате дека не е праведен и превземате акција за да го смените тоа“, рече Иван Јованов од „Младите можат“.
„Овде не има околу двесте, триста луѓе. Ако секој од нас размислува и ако секој од нас се труди да промени нешто, мислам дека ќе живееме во подобра земја и ќе бидеме подобри луѓе“, додаде тој.
На прашањето „Што после пленумот?“, Јованов смета дека активизмот не смее да заврши со завршувањето на средното училиште или можното исполнување на барањата на средношколците. Смета дека секој треба да продолжи да биде активен, бидејќи средношколците ќе се соочуваат со предизвици и како студенти, и на постдипломски студии, па и во животот понатаму.
Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум ја цитираше изјавата на министерот за образование, Абдулаќим Адеми, кој денес изјави дека не сака да дискутира за образовните реформи во овој период, бидејќи партиите влегувале во предизборен период.
„За што би сакале тие да разговараат, ако не за смешните реформи? Реформи кои тие секогаш ги ставаат ’on hold’, затоа што не се доволно ниту стручни, ниту способни да ги обмислат до крај. И така секогаш – реформа за реформа, сé додека не создадат крах на системот“, вели Туфегџиќ.
„Овие луѓе се опиени од моќта, ама не од моќта која им ја носи функцијата, туку од моќта на незнаењето. А вие, драги средношколци, ним им покажавте што значи моќта на знаењето. Се надевам дека оваа битка овој пат ќе ја добиете убедливо, не затоа што сте во право, туку затоа што тоа значи да се биде граѓанин“.
Активистот и водител Огнен Јаневски пак се осврна на најавите за одложување на реформите до наредниот септември и истакна дека тоа не е причина средношколците да се повлечат, туку е причина да бидат уште погласни. Според него, партиите и институциите токму сега треба да ги слушаат средношколците во предизборниот период, бидејќи токму тие средношколци сега се, или наскоро ќе бидат дел од електоралното тело.
„Вие имате совршена можност, бидејќи граѓанскиот активизам во Република Македонија сега е на највисоко ниво“, рече тој.
Никола Писарев од „Го сакам ГТЦ“ им порача на присутните да продолжат да мислат со своите глави, додека Теано Кардула, во името на целиот Средношколски пленум, присутните ги потсети што е Средношколскиот пленум, зошто постои и што досега направија.
„Луѓето се плашат од она што им е непознато и туѓо. Ние сме луѓе со став од млади години, а тоа ним очигледно не им е познато и се плашат од тоа. Ние сме тука да го кажеме тоа што имаме и да се бориме за нашата иднина. Ова не треба да запре тука, ние не сме тука само за државната матура и екстерното полагање. Тука сме за средношколците да станат тело во општеството кое ќе биде чуено и ќе учествува во сите реформи и ќе биде вклучено во нивните експерименти“, рече Кардула.
Таа симболично ја затвори дискусијата цитирајќи го Петре М. Андреевски, велејќи дека „Средношколскиот пленум е како пиреј и не го ништи ниедна влада“. Рече и дека оваа нова учебна година е нова битка за средношколците во која заедно и посилни ќе покажат дека имаат став и нема да престанат да се борат.
На средношколскиот собир присуствуваа неколку стотини граѓани, а после панел дискусијата следуваше и музичка програма со Мирко Попов.
Стефанија Тенекеџиева