Од утре (3 септември) па се до 28 септември, обиколницата околу Скопје од клучката Хиподром до клучката Сарај ќе биде затворена секој работен ден од 7 до 19 часот, поради снимање на францускиот игран филм „2015 A Fond“.
Филмот ќе го снима продукцијата Мануфактура од Скопје, до 25 октомври, на обиколницата околу Скопје, на делови од автопатот Е-75, како и на наплатната станица Петровец. Режимот на работа на патарината Петровец ќе биде редуциран на 22 септември, додека секциите на автопатот околу Градско ќе бидат затворени во периодот од 28 септември до 25 октомври и сообраќајот ќе биде пренасочуван.
Ова, меѓу другото, значи и дека тешките товарни возила кои транзитираат околу Скопје во овој период од денот ќе бидат пренасочувани да поминат низ градот, како и дека илјадници жители на населените места околу обиколницата ќе мораат да кружат и да поминуваат низ градот и блиските населби, за да дојдат до своите домови.