Владата на Индија го започна најавеното менување на 20 милиони улични светла со штедливи ЛЕД-сијалици, со што земјата се очекува да оствари заштеда од 890 милиони долари секоја година. Ова е најголем ваков проект досега во светот и најголем зафат во енергетската ефикасност на Индија во историјата.
Замената ќе трае две години, а таа е дел од пошироките напори на земјата за намалување на потрошувачката на струја. Целиот проект ќе ја чини Индија околу 385 милиони долари, но според проценките, заштедите на подолг рок ќе бидат многу поголеми. ЛЕД-сијалиците имаат многу подолг рок на траење – околу 50.000 часови, додека халогените светилки, кои се користат во моментов, траат само 1000-2000 часови. Покрај заштедата на струја, се очекува и заштеда во труд, затоа што штедливите светилки се заменуваат многу поретко. Со целиот проект се очекува намалување на потрошувачката на електринчна енергија за 10.5 милијарди киловат-часови.
Досега најголемата замена на улични светилки во светот беше онаа во Лос Анџелес, кога беа заменети вкупно 210.000 улични светла. Покрај ова, Индија презема и други чекори во насока на енергетската ефикасност – ЛЕД-светилките ќе им бидат подостапни на граѓаните за употреба во нивните домови, а владата ќе ги замени и сите сијалици во административните објекти. Се планира и поставување на сончеви панели на илјадници владини згради, како и програма за користење на сончевата енергија во селата низ земјата.