Најава за бојкот во дел од струшките основни училиште кои останаа без струја

Бојкот на наставата најавуваат родителите на учениците во дел од основните училишта во Струга во кои од почетокот на учебната година нема струја, објави Алсат М.

Тие велат дека доколку во текот на наредната недела не се најде решение на проблемот нема да ги пуштаат своите деца на училиште. Бараат државата да пројави интерес и за Струга.

– Јас мислам дека ќе има реакција од страна на родителите.Може да има и бојкот на наставата, а може да има и неодржување на еден час ,а може и да има и протести пред општината за каква е состојбата со немање на струја. Срамота е сега во овај век министерството за обраование да не реагира, да нема струја во образовните институции – вели Зуфер Арслани-претседател на совет на родители во училиштето „Браќа Миладиновци“.

За наредната недела е најавена средба на советот на родители во најголемото училиште во градот Браќа Миладиновци, каде ќе се одлучува за идните чекори кои ќе бидат преземени. Директорот на училиштето, Шќелким Алиу вели дека иако има најави за сега нема решение на проблемот бидејќи сметката на училиштето е блокирана.

Наставата во струшките основни училишта и наредната недела ќе започне без електрична енергија. Како што Алсат М информираше, седум од вкупно единаесет основни училишта  во Струга заедно со нивните подрачни објекти  немаат струја  од почетокот на учебната година. Сите заедно имаат долг по разни основи поголем од еден милион евра, а речиси сите се и со блокирани жиро сметки.