Во двонеделниот период пред да се одржи воената парада во Пекинг во четвртокот – масовен спектакл по повод одбележувањето на 70-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна – загаденото небо на кинескиот главен град беше азурно сино. Потоа во петокот наутро, за помалку од 24 часа, облак од штетни гасови повторно го покри градот, оставајќи голем број од жителите збунети околу тоа како се врати толку брзо.
Во понеделникот, Владата даде објаснување.
Според државната медиумска агенција, властите го исчистиле воздухот во Пекинг пред почетокот на парадата откако ги укинале или ограничиле операциите на 12.255 котли со јаглен и фабрики лоцирани меѓу седум провинции. Околу 5.700 од претпријатијата биле во Пекинг и во провинцијата Хебеј, која го опкружува градот.
Покрај затворањето на фабрики, властите ограничиле 5 милиони регистрирани автомобили во градот да се возат секој втор ден. Мерките што започнале кон крајот на август направија 15 дена да има релативно чист воздух.
На денот на парадата, индексот на квалитетот на воздухот во градот, покажал 17 од можни 500 за ден подоцна да покаже 160 во делови од градот – ниво на кое „секој може да почне да доживува негативни здравствени ефекти”, според Агенцијата за заштита на животната средина во САД.
Контролите се смирени на полноќ по парадата.
Минатата есен, кога Пекинг беше домаќин на самитот на Азиско-пацифичка економска соработка, собир од висок политички профил, властите презеле слични мерки. Ваквите напори ги поттикнале корисниците на интернет да се послужат со терминот „АПЕК сини” – што значи нешто прекрасно, но минливо.
Според Пекинг тајмс, напорите на владата да обезбеди воена парада над чисто небо биле 15 пати поефективни отколку оние за самитот на АПЕК.
Две недели пред парадата, нивоата на PM 2,5 честичките, кои се сметаат за мошне опасни за здравјето на луѓето, биле на рекордно ниско ниво во градот, изјави Џанг Давеи, шеф на мониторинг центарот во Пекинг.
Во периодот од 20 август до 3 септември, просечните стапки на овие честички во Пекинг биле 73 отсто пониски од оние во 2014 година, додава тој.