12 луѓе загинале, а стотици се повредени во 2015 година, во несреќи предизвикани од невнимание при правење „селфи“ фотографии. За споредба, во напади на ајкули насекаде низ светот загинале осум луѓе, пишува британски Телеграф.
Неодамна, соочени со зголемен број на несреќни случаи при ваквото фотографирање, руските власти започнаа специјална кампања во која предупредуваат на опасностите на „селфито“. Опасните ситуации вклучуваат фотографирање на ризични места и позирање со огнено оружје.
Едно од местата најмногу посетувано од туристите во САД, националниот парк „Јелоустоун“ исто така ги предупреди посетителите да не прават „селфи“, откако петмина луѓе биле прегазени од бизон со кој се обиделе да се сликаат. Во друг случај, човек речиси ја изгубил раката откако направил „селфи“ со змија ѕвечарка, а повеќемина загинале додека се сликале себеси со пиштоли и пушки.
Ова се само неколку примери. Постои листа на Википедија која ги следи сите слични смртни случаи, на која има 19 вакви инциденти од 2014 наваму. Повеќето загинати имаат меѓу 18 и 22 години, а меѓу нив е човек кој загинал од струен удар на пруга, фаќајќи жица под напон, како и пилот кој урнал авион обидувајќи се да слика „селфи“.