На 3 и 4 октомври во Македонска опера и балет-МОБ, ќе се одржи третиот по ред Мотивациски викенд организиран од здружението „Младите можат“.
Мотивацискиот викенд е составен од два дела: говори од успешни млади лица и работилници од успешни компании. Целта на настанот е да се мотивираат младите да работат на себе, на приватен и професионален план, да се запознаат со неформалното образование, но и да се обучат со вештините кои им се неопходни. Како што појаснуваат од „Младите можат“, ова ќе се обидат да го направат преку искуствата на успешните луѓе кои ќе ја споделат својата лична приказна, како и со обучувачи кои ќе одржат неколку работилници за личен и професионален развој.
Настанот за прв пат беше организиран во март 2014 како иницијатива од страна на 6 млади ентузијасти кои беа дел од проектот „Make a Change: BE A VOLUNTEER“, а продолжи како Мотивациски викенд организиран во септември 2014. Вкупно на двата настана присуствуваа над 400 млади луѓе.
Дел од говорниците кои ќе присуствуваат на настанот годинава се: Ана Јовковска, Кочо Андоновски, Petrus Theunisz, Лазар Ѓуров.
„Младите можат“ е младинска организација основана во 2009 од млади за млади. Визијата и мисијата на ММ е охрабрување на младите да земат активно учество во нивните заедници преку младински активизам и со тоа да ѝ овозможат бенефит на заедницата.