Најголемата светска социјална мрежа, Фејсбук, најави неколку крупни измени насочени кон подобрување на искуството кај корисниците на мобилни уреди. Измените, кои засега се во фаза на тестирање, се сконцентрирани на профилните страници, кои имаат четири милијарди посети дневно.
Еве што ќе биде ново на Фејсбук, ако мрежата ја користите на вашите мобилни телефони или таблети:
– Наместо слика, ќе можете да прикачите кусо видео од седум секунди, видливо за секој што ќе го посети профилот.
„Светот се промени откако ги воведовме профилите во 2004 година. Се повеќе луѓе создаваат видеа, повеќе од кога и да е порано. Почнавме да го тестираме следниот чекор во очигледната еволуција на профилите – профилните видеа. Наскоро, ќе можете да снимите краток филм, кој ќе се пушта и ќе „врти“ кога некој го гледа вашиот профил. Овие видеа ќе ви дозволат да прикажете дел од себе кој не можевте да го прикажете претходно и тие ќе му дадат нова димензија на вашиот профил“, пишува во објаснувањето на Фејсбук.
– Профилната слика ќе може да биде привремена.
„Не ги игнорираме ниту профилните слики – кога повеќе од 26 милиони луѓе го искористија нашиот филтер за „Прослава на гордоста“, беше јасно дека луѓето ги користат профилните фотографии за да покажат кои се и какви се, дури и ако тоа е во краток временски период. Профилните слики не се само статични портрети – тие го претставуваат она што ви се случува во животот во некој момент и она што ви е важно во тој момент. Токму затоа, ја воведуваме можноста да поставите привремена верзија на вашата профилна слика, која по одредено време се менува со вашата стара фотографија на профилот“, објаснуваат од Фејсбук.
– Подобрена контрола на изгледот на профилот
„Сакаме да им олесниме на корисниците да контролираат што е она што другите го гледаат кога се на нивниот профил. Воведуваме нов простор на врвот на вашиот профил, кој ќе може да се уредува, каде ќе имате можност да напишете куса „биографија“, да изберете да се појавуваат одредени јавни податоци како полето „about“ и деталите за работното место и образованието. Покрај ова, ја воведуваме и можноста да изберете пет фотографии кои ќе се прикажуваат на врвот на вашиот профил“, најавуваат од Фејсбук.
– Подобрен дизајн на мобилните профили
„Направивме и некои измени во дизајнот на мобилните профили, кои го подобруваат искуството со Фејсбук и подобро ги презентираат информациите за вас и вашите пријатели. Ги поместуваме профилната фотографија и профилното видео напред и во средината на вашите профили. Фотографиите ќе бидат во средината и ќе бидат поголеми, а на врвот на профилот ќе се најдат линковите до вашите пријатели и до нивните фотографии“, велат од Фејсбук.