Од земјата во која роботи веќе работат во хотели, а андроиди ги услужуваат купувачите во продавници, доаѓа најновиот проект за услуги без учество на луѓе – такси возила без возачи. Компанијата Робот Такси и властите во префектурата Канагава најавија дека од почетокот на 2016 година ќе почнат да експериментираат со такси возила во кои ќе нема возачи.
Услугата во почетокот ќе им биде достапна на околу 50 луѓе, кои од Канагава, во близина на Токио, ќе бидат превезувани од автомобили со автономен погон, во кои нема потреба од возачи. Автомобилите ќе поминуваат далечина од околу три километри, а дел од рутата поминува низ булевари и авении во градот. Во тест-периодот, во автомобилите сепак ќе има луѓе, кои ќе го надгледуваат експериментот и ќе бидат присутни за да избегнат евентуални незгоди.
Компанијата Робот Такси има цел да го комерцијализира такси превозот без возачи до 2020 година. Услугата ќе им биде понудена на туристите, како и на локалните жители од области во кои автобуси и возови не се достапни. Автомобилите без возачи се многу актуелна технолошка придобивка, која се обидуваат да ја искористат редица големи компании низ светот, вклучувајќи го и Гугл, кој почна со тестирања во Тексас пред неколку месеци.