„Слушам дека власта и опозицијата заговараат политички пазар кој нема да донесе поголема медиумска слобода, туку само поделба на влијанието меѓу политичките актери врз медиумите, а за причините за тоа од одредени партии слушам изговори дека немало доволно време за сериозни промени во медиумскиот систем“, изјави претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани на завршната конференција за реформи во медиумската сфера.
Тој истакна дека ЗНМ ќе се спротивстави на таквите сценарија и побара политичката битка да не се води со рекламни кампањи на медиумите.
„Предлагаме забрана на политичкото рекламирање во највлијателните медиуми затоа што не сакаме медиумите да продолжат да бидат заложници на рекламирањето на богатите партии. Нудиме решенија за деполитизација и департизација на МРТ и на медиумскиот регулатори. Програмскиот совет на МРТ не смее да биде под контрола на владејачките партии, туку треба да ја одрази различноста на македонското општество. Потребен е нов модел на финансирање на МРТ и на медиумскиот регулатор, затоа што сегашниот систем е неефикасен“, рече Селмани.
Според анализата на ЗНМ, во медиумите постои магичен круг на државните пари кој се одвива преку донации од телевизиите за владејачките политички партии кои подоцна преку владини рекламни спотови ги враќаат делумно парите во телевизиите. Според нивната анализа, од 20 милиони евра кои влегуваат во медиумите од рекламниот колач, една третина доаѓа од владини реклами.
На конференцијата се водеше и дебата за како да се постигне независноста на медиумите. Француската амбасадорка Лоренс Оер смета дека во овој период преку работните групи се воспоставува процес на нормализација и од круцијално значење за процесот е влијанието на медиумите.
Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер пак, рече дека е потребно во следниов период да воспостават ново поле на игра во кое медиумите ќе обезбедат фер натпреварување на политичките учесници, затоа што во залог е вербата во парламентарната демократија.