Лесно е да се заборави колку е неверојатна анатомијата и комплексноста на нашите дланки, сé додека не видите колку е тешко да се направат бионички дланки. Massachusetts Institute of Technology направи голем чекор напред во изработката на вештачките дланки, а сега се и чекор поблизу до правење на истите да бидат пореалистични и почовечки.
Неделава на Интернационалната конференција за интелигентни роботи и системи, Bianca Homberg, Daniela Rus (директорката на лабораторијата за компјутерска наука и вештачка интелигенција на МIT) и нивните колеги го презентираа најголемото достигнување во биониката досега: модуларни прсти направени од силикон и обложени со сензори, кои се доволно чувствителни за да почувствуваат сé: од меки играчки до лист хартија, без да треба да се програмираат да сфатат што допираат.
Rus е пионерка во „меката роботика“, за чиј дизајн се користат неконвенционални материјали и често се вметнуваат и пневматски системи. Со новиот тип на сензорен систем, прстите можат повеќе и полесно да се виткаат и да креваат и кршливи предмети. Со класичните метални бионички дланки, корисниците не можеа да фаќаат стакло, јајца, CD-a и други лесно кршливи предмети.
Тоа е потешка задача одошто изгледа: една работа е да се програмира роботичка дланка за да може да ја перцепира големината, тежината и обликот на предметот, а друго е да се постави предмет пред дланката и без програмирање таа самата да може да пресуди каде треба да го фати предметот, колку силно да го стисне и колку високо да го држи.
Во студијата за новата бионичка рака, Haptic Identification of Objects using a Modular Soft Robotic Gripper, авторите го објаснуваат процесот на изградба. Додека повеќето бионички дланки користат сензор во близина, како камера или сензор за движења, тие имаат вметнато сензор за виткање во секој прст. Кога сензор на некој од прстите ќе се извитка, праќа сигнал дека се допира некој предмет, и знае кога треба да престане да го затегнува стисокот.
„Роботите треба да можат да креваат различни алатки дизајнирани за човечка употреба и да можат да ги држат прописно“, велат авторите. Дланките, на некој начин, се последниот фронт на роботиката, а прстите кои „размислуваат“ на свое е голем чекор кон правење на роботи кои ќе изгледаат и функционираат исто како нас.
Извор: Gizmodo