Во рамки на едицијата „Европски калеидоскоп“, издавачката куќа Магор го објави романот Нешто напишано од италијанскиот писател Емануеле Треви. Промоцијата на книгата, на која ќе биде присутен и авторот, ќе се одржи во среда (7 октомври) во кафе-книжарницата Магор со почеток во 20.30.
Промотори ќе бидат проф. д-р Анастасија Ѓурчинова и проф. д-р Владимир Мартиновски. Романот е добитник на Европската награда за литература во 2012 година. Преводот од италијански јазик е на Живко Грозданоски.
Емануеле Треви (Рим, 1964) е една од клучните појави во современата италијанска литература и култура воопшто. Посветен книжевен критичар, преведувач, новинар, чест соработник на списанија, дневни весници и радија, автор на неколку романи. За својот начин на пишување има изјавено дека е „обид радикално да се обнови концептот за тоа што ‘есејот’ претставува“.
Романот „Нешто напишано“ е објавен во 2012 година. Насловот реферира на истоименото поглавје од последниот, недовршен роман Петролеј на Пјер Паоло Пазолини (централна тема во книгата), и воедно доследно ја оправдува полиморфната природа на ова дело, кое истовремено е и фикција, и есеј, и книжевна критика, новинарско истражување, патопис, монографија…
Книгата е објавена со финансиска поддршка на програмата Култура на Европската унија.