Студентската организација „Излез“ ги повикува сите студенти и млади луѓе што имаат потреба да се изразат или сакаат да бидат дел од независен младински и студентски медиум, да се пријават за некоја од следните отворени позиции:
Новинари
Најважната улога во студентското списание „Излез“, секако, ја имаат авторите на текстовите што се објавуваат. Ако сакате да пишувате и да стекнете вредно искуство, кое ќе можете да го искористите во својата идна работа, а истовремено да го искажете своето мислење или да пренесете информација од ваш интерес, без оглед на тоа дали е поврзана со образованието, со студентскиот живот, со пошироки општествени прашања, со културата, уметноста, технологијата итн., пријавете се преку пополнување на Пристапница за волонтери, која ќе ја испратите на нашата електронска адреса redakcija@izlez.mk.
Фотографи, илустратори, графички дизајнери
Станете дел од тимот одговорен за визуелниот изглед на списанието, вебстраницата и профилите на Излез на социјалните мрежи и дозволете поширока публика да види плодови од вашиот талент. Пополнете ја пристапницата и пратете ја на redakcija@izlez.mk.
Лектори
Ако студирате македонски јазик, ова е одлична можност за практична работа. Заокружете лектура на пристапницата, оставете детали за контакт, пратете ја на redakcija@izlez.mk и ќе станете „чувари на јазикот“ во нашата редакција.
Радионовинари
Освен студентското списание, „Излез“ има и своја радиоемисија – „Студентски пикник на Канал 103“, која се емитува секоја сабота точно напладне. Доколку подобро се изразувате во говорена отколку во пишувана форма, оваа позиција е вистинското место за вас.
Веб-уредник – Одговорен за планирање на содржината на страницата на интернет и за нејзино редовно ажурирање. Координира тим на новинари што пишуваат статии и вести за интернет страницата. Пожелно е и одредено познавање на работата со WordPress, со администрирање интернет страници и со дизајн.
Сите заинтересирани одреден период ќе работат заедно со тимот на редакцијата и ќе ја добијат потребната обука и помош за учење на занаетот. И, секако, ќе имаат целосна слобода за менување и за развивање на концептот на своите текстови и на целото списание во рамки на следните рубрики:
- „Можности и кариера“ – Рубрика која содржи информации за можности за студирање, стипендии, практична работа и за волонтирање во земјава и во странство. Претставува разни граѓански организации и иницијативи, но исто така нуди и совети за кариера.
- „Технологија“ – Рубрика посветена на најновите технолошки достигнувања интересни за студентите, претставува игри, разни интересни алатки за учење итн.
- „Ние и системот“ – Рубрика посветена на образовниот систем, на студентските проблеми и на студентското организирање, простор за критичко обмислување на системот и на нашата улога во него.
- „Општество“ – Рубрика што се состои од повеќе подрубрики – „Форум“, „Алтернативи“ и „Погледи“ – кои дават можност за дискусија на различни теми од општествената реалност, релевантни на глобално и на локално ниво.
- „Култура“ – Рубрика посветена на формите на уметничко изразување и културните случувања во Македонија и светот.
- „Музика“ – Рубрика посветена на македонската музичка сцена, со акцент на промоција на младите алтернативни изведувачи.
- „Родови студии“ – Рубрика инспирирана од укинувањето на Институтот за родови студии и која ги разгледува прашањата за родовата еднаквост и родовите односи.
„Земете залет и пријавете се до 20 октомври 2015 година, зашто „Излез“ има простор за вашите идеи!“, се вели во повикот од „Излез“