Во изминатите години, повеќе мали, главно островски држави направија напори да се доближат до користење исклучиво обновливи извор на енергија. Оваа година, Костарика успеа 75 денови по ред да ги задоволи своите потреби од струја само од обновливи извори. Американската сојузна држава Хаваи, во исто време, се обврза во целост да се префрли на обновлива, одржлива енергија до 2045 година. Данска, пак, во еден ветровит ден во јули успеа да произведе 140 проценти од дневните потреби на струја само од ветерни централи. Вишокот електрична енергија тој ден Данска го префрлила во Германија, Норвешка и Шведска.
Минатиот месец, Шведска стана најголемата светска земја која ќе се обиде целосно да ја елиминира потребата од фосилни горива. За оваа амбициозна, но и благородна цел, шведската влада годинава предвиде дополнителни 360 милиони евра. Буџетската поддршка за проектите поврзани со соларната енергија идната година ќе биде деветпати поголема отколку оваа година.
Засега нема рокови за откажувањето од фосилните горива во целата земја, но главниот град, Стокхолм, треба целосно да се префрли на одржлива енергија до 2050 година. Две третини од електричната енергија во земјата веќе се добива од извори кои не се фосилни, главно од хидроцентрали и нуклеарни постројки.
Тенденцијата на државите да го сфаќаат значењето на обновливата енергија е добредојден, во време кога и покрај напредокот во борбата против климатските промени, инициран од напорите на САД и Кина, светот останува релативно парализиран во своите можности да направи сериозни промени во начинот на кој се бори против овој феномен.