Проблемот настанува тогаш кога државата и претставниците на државниот апарат сметаат дека треба да го определуваат степенот на слободата како што се определува висината на тревата што треба да се кастри.
Пишува: Зоран Бојаровски
„Слободата значи одговорност. Затоа многу луѓе се плашат од неа“ – Бернард Шо
Кога зборуваме, имајќи ги предвид разно-разните фрази за слободата или за состојбата „да се биде слободен“, таа – слободата, може некому да му се даде, може да се одземе, за неа треба да се борите и да се изборите, на слобода некој може да биде пуштен или оставен, рацете може да бидат слободни, човек може да биде слободен како птица, може слободно да се гледа, слободата можете да ја имате или да ја немате, без слобода не се може.
Слободата е во суштината на човечкото битие, почеток на кој почива смислата на човековото постоење. И според еволуционистите (Дарвин) и според теолозите. Без слободата човекот не е човек. Слободата е conditio sine qua non на неговиот опстанок. Само со остварување на својата сопствена слобода и слободата на другите, човекот му дава смисла на своето постоење и ја остварува својата историска улога. Зашто само слободните можат да остварат историска улога. Според тоа, слободата е одговорност за сопствената судбина и за судбината на другите слободни луѓе. Философите велат дека подготвеноста за таа одговорност ја изразува одлучноста да се опстане, а гласот на таа фундаментална слобода не може да се премолчи и се нарекува – совест.
Повикувањето на таа совест е дел од човековата лична слобода, а во таа совест е вклучен и универзалниот принцип да не му се прави на другиот тоа што не сакаме да ни го прават нам. Личната слобода се искажува кон себе си, кон другите и кон средината во рамките на еден неизбежен општествен контекст со кој се одредува државата.
Проблемот настанува тогаш кога државата и претставниците на државниот апарат сметаат дека треба да го определуваат степенот на слободата како што се определува висината на тревата што треба да се кастри. Вусшност, што е за власта, односно државата, едно човечко влакно?
Наспроти таквиот став, слободата е постојана борба, состојба на духот, непокорност. Слободата е и средство и – цел. Слободата е отворен простор од кој добиваме вртоглавица. Непознат простор за авантура. Тera incognita. Затоа е возбудлива и посакувана. Во исто време, за оние кои немаат совест за слободата, својата и на другите, таа е пранга, пречка, непотребна авантура…
Таа, другата страна на (не)слободата темелно и сеопфатно ја елаборира Фјодор Михајлович Достоевски во главата „Големиот инквизитор“ во неговото ремек-дело „Браќата Карамазови“. Во суштина, Достовески вели дека некои луѓе свесно се откажуваат од слободата или, поточно, им ја отстапуваат на нивните лидери зашто за нив тоа значи извесност, шанса да се елиминира стравот од промени, откажување од подоброто во себе и согласност да се витка ’рбетот и да се поклонува вратот секогаш кога ќе се слушне звукот на ѕвоното на предводниците на толпата.
Некој некаде рекол дека плашливиот газ ретко испушта радосен прдеж. Оние кои имаат страв од слободата, веруваат дека за секое понижување, за секое откажување од бунт, за секој компромис и конформизам ќе бидат наградени во светот што некој друг го креира за нив во име на нивната отстапена слобода. Тие не веруваат дека ова е единствениот свет во кој го добиваш она што си подготвен сам да си го земеш.
Во басната „Волкот и кучето“ на Ла Фонтен, слабичкиот волк се сретнува со едно угоено куче и, откако ќе процени дека кучето е посилно од него, ќе го пофали неговиот изглед. Кучето ќе му возврати дека и тој, волкот, би можел да биде како него доколку ја напушти шумата зашто таму нема кој да го храни. Волкот се заинтересирал и го прашало кучето што треба да прави за возврат. Кучето му одговорил на волкот дека не треба да прави речси ништо освен што понекогаш да треба да ги гони просјаците и да ги каса скитниците за да му угоди на својот газда. Тогаш волкот го загледал вратот на кучето и видел дека му е излижан и полн со лузни. Кога го прашал кучето од што му се тие белези, кучето одговорило дека тоа е една дреболија – околувратникот од синџирот со кој го врзува неговиот стопан. Тогаш волкот решил да го напушти кучето и да продолжи да трча низ шумата, откажувајќи се од храната што му била понудена во златни чинии.
Ова е една од најсликовитите параболи за слободата и за нејзината спротивност – стравот од самостојноста, стравот од слободата да се управуваш самиот себеси. Во такви ситуации, кога се немаш себеси, ти си инструмент во рацете на некој друг, „заби“ кои касаат за нечија туѓа сметка, чувар на својот газда кој те успива додека ти ги раскажува своите приказни и мечти и кој те тепа и те втурнува во мала дрвена куќичка секогаш кога ќе залаеш малку повеќе.
Во психолошка смисла, стравот од слободата на поединците или на групите е откажување од суштината на човечноста, од креативната сила и впуштање во мазохизмот на сласта на отстапувањето на слободата на другите, на чиј знак на неслободните им течат лиги, како на кучињата на Павлов, секогаш кога ќе слушнат клучни зборови, клучни слики, повторно клучни зборови, повторно клучни слики… Односно, кога наредбите пристигаат преку медиумите. Бидејќи медиумите ги заменија некогашните бичеви на господарите.
Денес со неслободните се управува со далечинско… со телевизиите, радијата, интернет, весниците…
Неслободните, просечните ТВ-гледачи не расудуваат критички и со дистанца. Лесно се фасцинираат со содржини и со пораки полни со имагинарни или сугерирани непријатели кои постојат само за да ги загрозат нив и нивната заедница на неслободни поединци. Овие модерни робови стануваат плен на нервозата, на несигурноста, на креираната неизвесност, страв и паника дека немаат иднина доколку не се потпрат на нивните господари кои ги употребуваат медиумите за да бидат чувари на господарите, а не на вистината.
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).