Одговарајќи на прашањата на корисниците на Редит, прочуениот физичар Stephen Hawking пред неколку дена изјави дека капитализмот и страста за стекнување материјално богатство се поголема закана за иднината на човештвото, отколку вештачката интелигенција и роботите.
„Рамноправноста ќе биде пред големи искушенија. Се повеќе работи ќе бидат автоматизирани, а богатите сопственици на машините нема да сакаат да ги делат своите пари со другите“, рекол Hawking.
Запрашан дали смета дека технолошкиот напредок ќе доведе до невработеност и дали луѓето треба да продолжат да измислуваат нови работни места, тој одговорил:
„Ако машините би произведувале се што ни е потребно, последиците ќе зависат од начинот на дистрибуција на тие добра. Секој може да ужива во луксузот, ако богатството добиено на овој начин се дели, но можно е и дека повеќето луѓе ќе осиромашат, доколку сопствениците на машините бидат против редистрибуцијата на богатството. Засега, изгледа како да сме поблиску до втората опција и дека технологијата само ја поттикнува нееднаквоста“, рекол Hawking.