„Летото помина, учебната година започна, а единственото нешто што се промени е тоа што сме една година постари, една година позрели. Сето ова се коси со нашите барања, се коси со она за што се боревме и лани и сега се уште. Ние баравме различни промени, коренити, промени кои ќе го подобрат нашето образование, но тие наши очекувања се сведоа на нула, а МОН останаа глуви, неми и слепи на нашите гласови и идеи. Затоа, будење!“
Со овој повик Средношколски пленум го најави првиот марш за оваа учебна година кој ќе се одржи во среда, на 21 октомври. Зборното место е фонтаната во Градски Парк, со почеток во 12:30 часот.
„Направете нешто корисно за вас, за сите нас како целина, приклучете се на толпата од моќна младина по скопските улици, и кренете го гласот против лошите реформи, бидејќи не се работи за нешто на нас туѓо, за образованието се работи“, се додава во повикот.
Реактивирањето на средношколските протести доаѓа поради игнорантскиот однос на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, кои веќе две седмици не даваат одговор на писмото со доставено до нив. Пленумци бараат укинување на ектерното тестирање, полагање државна матура по стариот концепт за сегашните нматуранти, како и нивно вклучување ако се прави нов концепт на полагање на државна матура, но и за било какви промени поврзани со средношколското образование.