Се поголемиот број на дронови на американското небо ги засилија притисоците за законско уредување на беспилотните летала во САД, а администрацијата на претседателот Обама одговара со избор на специјално тело, чија работа ќе биде да се подготви законот со кој дроновите ќе мораат да се регистрираат.
Телото ќе биде составено од 25 до 30 претставници на производители на дронови и авиони, државни службеници и други заинтересирани страни.
Според јазикот во официјалното соопштение на американското Министерство за транспорт, луѓето кои имаат дронови кои се сметаат за играчки, ќе бидат изземени од обврската за регистрација. Досега имаше обиди да се приземјат дроновите во неколку американски држави, со локални закони и прописи, кои предизвикаа контроверзи. Еден закон во Калифорнија предвидуваше забрана за летање на дронови на височина од помалку од сто метри над приватни поседи, но тој беше запрен од гувернерот Jerry Brown, кој стави вето, со објаснување дека законот може да биде штетен за индустријата за производство на дронови и за економијата, воопшто.
Американската Федерална служба за авијација (FAA) веќе има некои правила за дроновите – нивното летање е дозволено само до височина од 130 метри. Само оваа година, 45 американски држави разгледувале вкупно 156 закони и прописи поврзани со дроновите. Од 2014 до 2015 година, бројот на случаите во кои пилоти на авиони и хеликоптери дошле во близок контакт со дроновите е удвоен, вклучувајќи инциденти на спортски натпревари и летови во близина на патнички авиони.