Извршниот директор на Apple, Tim Cook, на конференцијата Wall Street Digital Live која се одржа во понеделникот во Лагуна Бич откри дека од 26.10 (понеделник) на пазарот ќе бидат пуштени новите Apple TV уреди.
Новиот Apple TV, кој може да се најде во две верзии – 32 GB за 149 долари и 64 GB за 199 долари, има неколку подобрувања во споредба со стариот модел, како гласовното далечинско управување Siri Remote, нов оперативен систем наречен tvOS, посебна App Store и проширена функција за пребарување.
Cook со присутните споделил и други податоци, меѓу кои и бројот на Apple Music претплатници, кои моментално ги има околу 15 милиони, а од кои 6,5 милиони плаќаат. Еден месец откако оваа услуга беше лансирана, Eddy Cue од Apple изјави дека имаат 11 милиони преплатници, што значи дека бројот на корисници расте.
Сепак, за компанијата другата бројка е многу поважна. Тие 6,5 милиони претплатници кои плаќаат за услугата останале корисници и после завршувањето на пробниот период од три месеци. За споредба, ривалскиот Spotify најави дека има околу 20 милиони претплатници кои плаќаат за услугите во јуни.
Извор: Mashable