Во рамки на првиот Фестивал на европската литература, „BookStar“, вечерва (22 октомври) во Галеријата при МКЦ, со почеток во 20 часот, ќе биде промовиран романот „18% сиво“ од бугарскиот писател Захари Карабашлиев.
Овој роман, напишан од перспективата на еден Бугарин што го живее едноличниот американски сон, се одликува со динамичен и хумористичен јазик.
Карабашлиев е познат бугарски прозаист и драмски автор, а пишува и филмски сценарија. Неговите драми се играни во Европа и во Америка. Делата му се преведени на речиси сите европски јазици.
Романот е бестселер во Бугарија со вкупно 22 изданија и е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2008 година. Во анонимна анкета на телевизијата „Би-би-си“ е избран меѓу стоте омилени книги на бугарските читатели.
Ќе го промовираат литературните критичарки и универзитетски професорки Ангелина Бановиќ-Марковска и Елизабета Шелева, како и новинарката Јасна Франговска. Делови од романот, паралелно од оригиналот и од македонското издание, ќе читаат самиот автор и актерката Арна Шијак.