Истражувачи од Бостонската детска болница дојдоа до нов начин на производство на црвени крвни зрнца, комбинирајќи ги техниките со матични клетки и најновите стратегии за уредување на геномот.
Научниците сметаат дека ова ќе биде добредојден напредок, затоа што резервите од крв во центрите за трансфузија често се премали за да ги задоволат потребите. Црвените крвни зрнца го пренесуваат кислородот до клетките, што ги прави многу важни за човечкиот организам.
Д-р Виџај Санкаран од бостонската болница и неговите колеги експериментирале со крвни матични клетки и направиле „генетска операција“ врз нив која ги зголемува шансите тие да се претворат во црвени крвни клетки. Тие пронашле еден конкретен ген, кој бил идентификуван во претходна студија, а кој е поврзан со помалото производство на црвени крвни зрнца. Со исклучување на овој ген, Санкаран и неговиот тим се надевале дека ќе се откочи процесот на производство на овие зрнца, а токму тоа и се случило. Модифицираните крвни клетки се создавале со брзина трипати поголема од конктролните клетки.
„Знаеме дека ако можеме да ги направиме овие клетки, и ако го подобриме процесот, во иднина недостигот од крв би можел да престане да биде проблем“, вели д-р Санкаран.
Оваа техника би можела да има и поширока примена, за создавање разни видови клетки, како на пример од мускулно и нервно ткиво уништено од болести.