Националниот ромски центар по повод десетгодишното работење на здружението ве поканува на дебата „Роми 2015, Роми 2020, Роми….?“ која ќе се одржи во ЕУ Инфо центар, на 27 октомври, со почеток во 12:00 часот. Настанот се организира со поддршка од Канцеларија за ромски иницијативи и програмата Европа за граѓаните на Европска Унија.
„Целта на дебатата е да дадеме осврт на политиките и практиките кои се превземаат за прогресивна реализација на економски, социјални, културни и граѓански права на ромскиот народ во Македонија. Се надеваме дека со наша заедничка посветеност кон овие предизвици и градење на општество со еднакви можности за сите ќе дадеме придонес за трасирање на понатамошниот развој на политиките за ромскиот народ во Македонија, се со цел да се намали постојниот јаз и нееднаквости при пристапот до фундаментални права“, се вели во најавата на настанот.
На средбата се поканети претставници на академската заедница, истакнати поединци посветени на градење системи за поддршка за Ромите, институции, амбасади, фондации и здруженија кои дејствуваат во Македонија.