Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ распишува конкурс за млади дизајнери – илустратори за креативна илустрација на четири избрани и јазично преработени бајки од народното творештво, под наслов „Бајки од Македонија“.
Младите креативци треба да бидат на возраст до 35 години и државјани на Република Македонија, а оригиналните илустраторски решенија треба да ги испратат на интернет адресата ivo.laurencic@bravosine.mk најдоцна до 15 декември 2015 година. Конкурсот е анонимен до првата селекција, по што најдобрите автори ќе да бидат повикани лично да го презентираат креативниот пристап.
„Нашиот основен мотив годинава е јавниот интерес за приближување на народното творештво кон децата од предучилишна возраст и афирмација на националните вредностиво услови на глобализација. Убедени сме дека за младите креативци ќе го препознаат предизвикот, па и годинава во голем број ќе пријават свои трудови. Ние веруваме во креативниот потенцијал на младите во Македонија и токму затоа го поддржуваме“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.
Наградниот фонд за најдобрите и годинава изнесува 200.000 денари, обезбедени од Движењето „Браво сине“. Пристигнатите решенија за илустрација на бајките ќе ги оценуваат претставници на Управниот одбор на Движењето, на издавачката куќа-партнер „Арс Ламина“ и претставници на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“.
Формалните информации и пропозициите, како и четирите избрани бајки, адаптирани за предучилишна возраст, може да се преземат на www.bravosine.mk .
Со реализација на проектот „Бајки од Македонија“, Движењето се обидува да даде свој придонес во приближување на македонското народно творештво до најмладите и поголема популаризација и реафирмација на традиционалните вредности. Основна мисија е поддршка на креативноста кај младите во функција на брендирање и креативна визуализација на автентични национални вредности.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“ го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ. Во активностите на движењето се вклучија голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академска заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и од целиот регион.
На минатогодишниот проект „Слатко со идентитет“ за визуелно брендирање на слатко произведено во Македонија, победници на конкурсот беа двајца дотогаш неафирмирани млади креативци.