Слободата на пристапот до Интернет во светот се намалува веќе петта година по ред, посочуваат од „Фридом хаус“, во својот годишен извештај.
Околу шест на секои десет лица во светот (58 отсто) живеат во земја во која интернет корисниците и блогерите се наоѓаат по затвори, затоа што споделиле содржина од политичка, социјална или религиозна тематика. Слободата на говорот на Интернет се намалила во 32 од 65 земји, според наодите на „Фридом хаус“ во годишниот извештај за 2015 година.
Наместо да наложуваат директна цензура, некои влади во 2015 година ја употребиле практиката да извршат притисок врз физички лица и приватниот сектор сами да отстранат некои одредени сајтови, блогови, статии, видео материјали или коментари на социјалните мрежи, се наведува извештајот.
Предводник во слободата на Интернет е Исланд, по која следуваат Естонија, Канада, Германија, Австрија, САД, Јапонија и Италија. На дното на листата од 19-те „неслободни“ земји, е Кина заедно со Сирија и Иран.