Cinedays 2015 со богата филмска и музичка програма од 12 до 21 ноември

Со над стотина проекции на филмови и документарци, како и музички настани, Фестивалот на европски филм „Cinedays“ по 14 пат ќе понуди богата програма од 12 до 21 ноември во Младинскиот културен центар.

Филмовите се селектирани во неколку програми, Официјална програма, СинеБалкан, Гала Програма, Музички документарци, Летонски и Македонски кратки филмови, а организирана е и богата придружна програма од работилници, концерти и панел дискусии.

Во Гала програмата се најнаградуваните и најпознатите режисери во 2015 година: Томас Винтерберг со „Далеку од безумната толпа“, Сузан Биер со „Втора шанса“, Паоло Сорентино со „Младост“, Матео Гароне со „Приказна над приказните“, Александар Сокуров со „Франкофонија“, Никита Михалков со „Сончаница“, Вим Вендерс со „Сè ќе биде во ред“ (во 3D), Нани Морети и „Мојата мајка“, Гаcпар Ное и контроверзниот „Љубов“, како и редовниот гостин Вуди Ален со неговиот последен филм „Ирационален човек“.

Гости на Cinedays годинава ќе бидат главните актери од годинешниов кански победник „Дипан“ на култниот Жак Одијар.

Cinedays оваа година ќе се отвори со филмот на македонскиот режисер Дарјан Пејовски „Три дена во септември“, филм што е во селекција за една од наградите во Официјалната програма.

„Во Официјалната програма и програмата СинеБалкан ќе бидат прикажани филмови на млади режисери за кои слободно може да се рече дека се дел од иднината на европската кинематографија. Во овие селекции, имаме гости од секој филм, кои ќе и бидат достапни на публиката за разговор по проекцијата. Новитет е и воведувањето на финансиски награди за најдобрите филмови, што подобро нè позиционира како сериозен фестивал во европски рамки. На Cinedays ќе се случи и Меѓународна панел дискусија на темата: Миграции, со професори по социологија, политички науки и филм од регионот и Европа, на која ќе се дискутира за актуелните прашања поврзани со напливот на емигранти од блискиот Исток. Темата не е филмска, но е актуелна, а Cinedays како ангажиран фестивал треба да поставува прашања“, вели Маргарита Арсова, координатор на фестивалот.

На менито со егзотични филмови, ќе има специјална селекција на индиски и ирански филм.
Поттикнати пак од 40-годишнината од контроверзната смрт на Пјер Паоло Пазолини, во рамки на фестивалот ќе се прикаже и омаж на неговите филмови, но и дебата со повеќе професори од Европа, филмски експерти и теоретичари за ликот и делото на овој култен режисер.

Cinedays 14 има и богата понуда на музички документарци, а и богата придружна програма на музички настани.

„Филмскиот мегахит за прерано починатата Еми Вајнхаус, кој веќе ги полни кино салите ширум светот, „Страста и звукот во Западен Берлин 1979-1989“ – филм, кој музички ја опишува последната декада во овој град пред конечното паѓање на ѕидот, имаме и светска премиера на филмот за македонската хип хоп сцена насловен „Сложувалка“, потоа последниот документарен филм посветен на култната музичка група Morphine, насловен како „Патување од соништа“, гледан низ призмата на двајцата преостанати членови од бендот. Куриозитет е филмот „Кучешко срце“,концептуален филм на големата Лори Ендерсон кој ќе го прикажеме веднаш по премиерата на фестивалот во Венеција во септември. Следуваат филмовите „Денови на салатата“, филм за панк сцената во осумдесеттите години во Вашингтон, филмот „Копирањето како применета уметност“ за една од најголемите субверзивни „акции“ на словенечкиот арт-колектив NSK од Словенија, кои во 1987 предизвикале мега скандал со дизајнот за постерот по повод „Денот на Младоста“, вели Владица Младеновски – Грга, музички уредник на фестивалот.

Британски тек хаус диџеј Тери Френсис настапува на 13 ноември, легендарниот хип хоп артист Диџеј Премиер е на 16 ноември, а за љубителите пак на инди-рок музиката, во програма е и концерт на монтреалскиот дистописки арт-панк колектив SUUNS и Jerusalem in my Heart.

Во рамките на активната страна на фестивалот, ќе се одржи и работилница за развој на сценарија, од наградуваниот консултант и сценарист Роелоф Јан Минебо, како и предавање од проф. Вилијам Браун (Универзитет Рохемптон, Лондон) за умешноста на снимање на филм без буџет. Покрај истите, ќе се одржи и работилница посветена на ориенталната музика во филмот од проф. Берак Таранч (Универзитет Докуз Ејлул , Турција) како и предавање на проф. Сали Салији на вечната тема – филмската уметност и консумеристичкото општество.

И оваа година има конкурс за филмска критика на кој може да учествуваат сите гости – заинтересирани до 35 години. Текстовите не треба да се подолги од 1 страница, а секој од пријавените може да испрати не повеќе од три рецензии за филмовите од репертоарот на официјалната селекција и „СинеБалкан“. Сите заинтересирани може да се пријавуват на contact@cinedays.mk  најдоцна до 11 ноември, а потоа доаѓа следната фаза гледање филмови и пишување рецензии. Најдобрите добиваат награди.

Цената на билетите е 150 денари за проекциите во Кино „Милениум“, со исклучок на филмот на Вуди Ален „Ирационален човек“ за кој билетот чини 300 денари, потоа 100 денари за програмата во кино „Фросина“, а проекциите во Џебно кино се бесплатни. Годинава за средношколците и студентите ќе има попуст од 50 денари на секој билет.