Повеќето жени немаат целосно хетеросексуална ориентација – тие се или геј или бисексуални, сугерира новата студија на Одделот за психологија на британскиот универзитет Есекс.
Иако геј-жените имаат многу поголема привлечност кон жените, повеќето жени кои се идентификуваат како „стрејт“ биле возбудени од снимки и на голи мажи и на голи жени, покажал експериментот кој бил дел од студијата.
Истражувањето, кое го водел д-р Gerulf Rieger, вклучувало прикажување на низа снимки на голи мажи и жени на 235 испитанички, а нивните реакции биле бележени. Резултатите покажуваат дека 82% од жените биле возбудени од снимки и од двата пола, а овој заклучок е заснован на индикатори како проширување на зениците како резултат на сексуална стимулација.
Од жените кои себеси се идентификувале како „стрејт“, 74% биле „силно сексуално возбудени“ и од снимките на кои имало атрактивни мажи и од оние на кои биле привлечни жени.
Во контраст, лезбејките покажале многу посилни сексуални реакции на жените, отколку на мажите на снимките.
„Иако мнозинството од жените се идентификуваат како хетеросексуални, нашето истражување јасно покажува дека кога е сексуалната возбуда во прашање, тие се или бисексуални или геј, но никогаш „стрејт““, вели д-р Rieger.
Тој додавa и дека студијата покажала кога лезбејките кои се облекуваат во „машки“ стил, тоа не значи дека тие покажуваат и „машко“ однесување.
„Иако некои лезбејки беа „помашки“ во нивната сексуална возбуденост, а други покажуваа повеќе „машко“ однесување, немаше индикации дека тоа се истите жени. Ова ни покажува дека начинот на кој жените се претставуваат себеси во јавност не значи дека знаеме нешто за нивните преференци во сексуалните улоги“, додава Rieger.
Инаку, неодамнешната анкета на YouGov покажа дека половина од младите луѓе во Велика Британија не се идентификуваат себеси како 100 проценти „стрејт“. Исто така, таа покажа и дека 41% од луѓето се идентификуваат како нешто помеѓу хомосексуалци и ексклузивни хетеросексуалци – што сугерира дека луѓето се повеќе ја гледаат сексуалноста на помалку поларизирачки начин.