Под слоганот „Сакаме да дишеме“, жителите на општина Аеродром најавуваат протестен собир во недела (15 ноември) пред општинската зграда. Револтирани од неагилноста на институциите за решавање на проблемот со загадениот воздух, тие велат дека ќе го повторуваат собирот пред општината секоја недела, во 11 часот.
„Во рамки на иницијативата за подобрување на условите за живот во општина Аеродром, ние граѓаните од оваа општина секоја недела сакаме самоиницијативно да се собираме пред општината и да бараме конкретни и сериозни мерки за намалување на загадувањето на воздухот“, посочуваат од иницијативата за почист воздух.
Протестните собири се организираат главно преку социјалните мрежи и Фејсбук групата „СТОП за смрдеата во АЕРОДРОМ и ЛИСИЧЕ“ . Таа беше создадена како реакција на загадување на воздухот во општината и брои повеќе од 2500 членови. Најреволтирани е жителите на Лисиче кои објаснуваат дека и во лето, и во зима, не можат да ги отворат прозорците поради чадот и смрдеата во населбата.