Наместо еден, три студентски домови вети премиерот Груевски

Наместо во еден, Владата планира да инвестира во изградба на три студентски домови, два во Скопје и еден во Тетово, најави денеска премиерот Никола Груевски. Одговарајќи на новинарско прашање, тој појасни дека планот е нов дом да се прави на местото на поранешните бараки од домот „Медицинар“, потоа кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и кај Државниот универзитет во Тетово.

Проектот за домот кај „Медицинар“ е готов, информираше премиерот, а се очекува во декември да излезе јавен повик за негова изградба. За домот кај СЦ „Борис Трајковски“ се уште немало обезбедено документи, но владините очекувања се домот да биде готов за две години.  За студентскиот дом во Тетово пак, информираше премиерот, допрва ќе се работи на сериозен проект.

„Работата почнува, ветувањето е дадено, нема назад и ќе работиме на три студенски дома“, изјави Груевски.

Тој најави и дека деновиве ќе биде објавен јавен повик за изведувач на реконструкцијата на Блокот А во студенскиот дом „Гоце Делчев“. Тоа е втор блок што ќе се обновува откако претходно се заврши реконструкцијата на Блокот Б. Од најавите за реконструкција на овој блок откако беше опожарен, па се до вселувањето на студентите во него пред неколку дена, минаа повеќе од две години.

[ФОТО] ПОЖАРОТ УНИШТИ СÈ, „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ЌЕ СЕ РЕНОВИРА

И ветувањата за изградба на нов дом на местото на бараките од „Медицинар“ се влечат со години.