ИСИС ги нарече Анонимусите „идиоти“ откако хакерската група им објави војна

Исламистичката држава ги нарече Анонимус „идиоти“, откако хакерската група им објави војна поради нападите во Париз, во кои загинаа над 150 лица. ИСИС сподели и совети како нивните поддржувачи да се заштитат од компјутерски напади.

„Хакерите на Анонимус се заканија во ново видео дека ќе започнат нова поголема хакерска операција против Исламската држава, идиоти. Што ќе хакираат… се што можат да направат е да хакираат твитер профили итн…)“, објави ИСИС преку профил на апликацијата за пораки Телеграм.

Милитантската група ги советува своите поддржувачи да не отвораат сомнителни линкови, да ги менуваат нивните локации користејќи ги мобилните телефони и компјутери, да избегнуваат контакт со непознати луѓе на нивните мобилни телефони и да ги сменат своите имејл адреси.

За само еден ден, Анонимус затвориле повеќе од 3800 твитер профили поврзани со членови и организации на ИСИС. Преку официјалниот Твитер профил #OpParis, Анонимусите ја повикаа јавноста да се приклучат во операцијата против каналите на социјалните мрежи на ИСИС. Покрај оваа твитер страница, отворена е и #opIceISIS каде се индексираат сите ИСИС членови врз основа на нивните вистински имиња, локација, фотографија, Твитер, Фејсбук и Јутјуб профили.

Пред да се случат нападите во Париз, Анонимус им објави војна на членовите на ИСИС по нападите врз новинарите на неделникот Charlie Hebdo, хакирајќи десетици илјади профили.